Резултатите од анкетата на ИРИ ја вознемирија Владата

Резултати од слабата доверба на граѓаните во институциите и политичарите делумно ја вознемирија владата. Министерката за одбрана Славјанка Петровска вели дека алармантните резултати се предизвик.
Но, не сите во Владата се на исто мислење. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски е убеден дека Владата е на добар пат.
Последното истражување на ИРИ покажа дека само 4 отсто од граѓаните имаат доверба во судството, додека 3 отсто во Јавното обвинителство. Довербата во образовните институции е ниска, со 11 отсто, додека 10 отсто од граѓаните имаат доверба во државните здравствени институции и полицијата.
58 отсто од граѓаните сметаат дека државата оди во погрешна насока.
Само 4 отсто од граѓаните имаат доверба во политичките партии и Собранието, 7 отсто во Владата и 8 отсто во опозицијата.
Истражувањето на ИРИ забележа дека е вратена довербата во поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски. Од 3 процентна доверба што ја имаше во анкетата пред една година, Груевски сега ужива поддршка од 7 отсто од испитаниците, оставајќи ги зад себе сите лидери на политичките партии во земјава.
Фатлуме Дервиши