Најголем број претставки до Народниот правобранител за судството

Своето незадоволство од институциите граѓаните го изразија и кај Народниот правобранител. Повеќе има незадоволство од работата на судовите и судството воопшто.
„Најголемиот број претставки се однесуваат на судството. Потоа следуваат претставки поврзани со правата од работен однос, правата од социјална заштита, правата за заштита на децата. Генерално, доминираат претставките за работата на извршителите, потоа доминираат судовите, Основниот суд – Скопје 2, другите судови на територијата на Македонија, како Прилеп, Битола и сл. Преставки има и за Републичкиот судски совет“, вели Народниот правобранител, Насер Зибери.
Зибери ја коментираше и последната анкета на американската ИРИ, според која граѓаните ја изгубиле довербата во институциите во земјата. Како пример ја наведе одлуката на Апелациониот суд за случајот „Таргет Тврдина“ кои придонесува граѓаните да имаат таква доверба во судството.
“Јасно е како и зошто се создава ваква перцепција кај граѓаните за судовите. Не случајно граѓаните губат верба во одлуките што ги носи судството. Мислам дека треба да се направи многу повеќе за да се промени оваа ситуација. Индикациите се дека нема активности во оваа насока. Се сомневам дека ќе можеме да се соочиме со оваа ситуација без некој посериозен чекор во оваа насока“, додава Зибери.
Според американската ИРИ, повеќе од половина од граѓаните сметаат дека државата се движи во погрешна насока. Податоците за довербата во институциите во земјава се алармантни, само 4% од граѓаните имаат целосна доверба во судството, а само 3% во Обвинителството.
Еви Шкопи