Економската зона кај Струга зјае речиси празна

Лошата инфраструктура, недовршениот и небезбеден пат Охрид-Кичево, кој се гради веќе осум години и сè уште недоволно функционалниот аеродром кај Охрид, се главна причина што и по речиси 10 години од изградбата, технолошко индустриската развојна зона кај Струга, зјае празна. Од помпезните најави за инвестициски бум во регионот и на претходната и на сегашната власт, останаа само две фабрики, од кои една почна со работа неодамна. Експерти сметаат дека е неопходно да се подобри квалитетот на амбиентот во кој формите би работеле.
„…Тука сметам на изградба на современа и квалитетна сообраќајна и енергетска инфраструктура. Останавме некако слепо црево на овој дел, наместо да бидеме сообраќајно поврзани со Јадранско море со Драч. Тука имаме аеродром кој може да се користи, а за автопатско решение не станува збор. Но и енергетската инфраструктура, влијае на тоа дали имате довод на поевтини енергенси“, вели Јованка Дамоска Секулоска-професорка по економија.
Гасоводот е сè уште многу далеку од Охрид и Струга, а на автопатот не му се гледа крајот. Стопанствениците сметаат дека државата не може да планира економски раст без инвестиции во инфраструктурата.
„Откако сме самостојни, ние најмалку имаме изградено патишта и автопатишта од сите поранешни југословенски републики. Нема интерес на луѓето кои се и коишто биле на власт, да го стават овој аеродром во функција направен со сите стандарди. Секој оној кој сака да инвестира овде прво кога ќе дојде тука ќе види што функционира што не функционира“, рече Мевмед Џемаилоски-бизнисмен.
Дополнителни проблеми за повеќе фабрики во оваа економска зона се и административните пречки со кои се соочуваат инвеститорите, а за што стопанствениците велат дека се виновни несоодветните кадри во локалните администрации. Освен тоа, регионот страда и од недостиг на основна работна сила, а за стручен и квалитетен кадар, проблемот е и уште поголем.
Мики Трајковски