
Речиси 21, 5 милиони евра Македонија треба да и плати на поранешната грчка компанија Хеленик Петролеум бидејќи земјава го загуби спорот пред Арбитражниот суд во Париз. Носител на тужбата, сега е фирмата Елпет исто така од Грција која бара оштета од 42 милиони евра поради непочитување на купопродажниот договор на рафинеријата ОКТА, склучен во 1999 година. Судот во Париз одлучи дека штетата од нереализираниот годишен откуп на мазут од 2008ма до 2011та изнесува половина од тоа што се бара. Од Владата за оваа пресуда знаеле неколку дена, велат дека владиниот адвокатски тим ја анализира пресудата и во текот на следниот период ќе соопштат како ќе се постапи.
„Можам да напоменам дека и оваа сума може да биде предмет на понатамошни усогласувања или договарања како тоа што е направено во 2008ма кога е постигнат договорот за порамнување. Пресудената сума од Париз била намалена за околу 40 отсто“, рече Виктор Андонов, владин советник за енергетика.
Се огласи и екс премиерот Љубчо Гергиевски, во чие време ОКТА беше продадена на Хелник Петролеум. Тој вели дека причина за казната е што едностарно е раскинат договорот со грчката компанија.
„На една година пред истекувањето на петгодишнипот монопол, Уставниот суд на Северна Македонија се прогласи за надлежен дека може да раскинува меѓународни договори иако низ сите други случаеви на меѓународни договори во кои има стапено Македонија се има прогласувано дека е ненадлежен“, тврди Георгиевски.
Инаку, штетниот договор за продажба на скопската рафинерија на грчки Хеленик имаше важност до мај 2019 година, до кога освен одредбата за купување на мазутот, важеше и методологијата за одредување на цената нафтените деривати која содржеше голем број поволности за грчката страна. Инаку, скопската рафинерија сегашна ОКТА не работи од 2011 година, од кога примарна дејност и трговијата со нафтени деривати. ОКТА во моментов држи од 70 до 80 отсто од македонскиот пазар со деривати. Според купопрадажниот договор Македонија имала обврска да откупувала годишно по 500.000 тони мазут, а тоа е огромна количина која нема каде да се употребува.
Иле Петревски