
Оние кои сакаат да купат стан во главниот град не го погодија времето, бидејќи цените на недвижностите го достигнаа својот врв. Во центарот на Скопје, м2 во нови згради чини 2.000 евра, додека во околните населби, цените од 900 евра колку што беа пред една година, сега се над 1.350.
Градежната експанзија во Скопје не штеди ни педа земјиште.
Во една од најгустите скопски населби на висококатниците им нема крај, една штотуку е почната денес. Граѓаните доколку сакаат да купат ќе платат нешто повеќе, бидејќи по нова година покачувањето на каматите е неминовно. Но, според експертите, доколку падне побарувачката на купувачите за недвижнини, цените ќе се стабилизираат.
Експертите имаат објаснување зошто граѓаните во услови на криза инвестираат во недвижности. Универзитетскиот професор Треновски рече дека поради зголемувањето на побарувачката ,градежниците ја искористија можноста да ги зголемат цените на становите. Но од друга страна тој оекува постепеното зголемување на каматните стапки да влијае на намалување на инфлацијата.
Во ова време на криза кога инвеститорите се повикуваат да ги зголемат трошоците за градежни материјали и работна сила, Народна банка интервенираше за стабилизирање на пазарот со зголемување на каматните стапки на кредитите. Велат дека одржувањето на ценовната стабилност е главната цел, која се постигнува преку монетарната стратегија за одржување на стабилниот курс на денарот во однос на девизниот пазар.
„Централните банки ширум светот ја заоструваат монетарната политика како одговор на високите долгорочни стапки на инфлација, со цел да ги намалат притисоците од пресметката на можните идни трошоци, како резултат на очекуваната инфлација од страна на економските субјекти, но и да ја ограничат дополнителната побарувачка, која може да ја поттикне и инфлацијата. Со есенските проекции на Народна банка, проценивме просечна инфлација во 2022 година од 14,3%. Заедно со преземените мерки и ефектите од постепеното заострување на монетарната политика, во 2023 година се очекува забавување на инфлацијата на околу 9% на годишна основа“, наведуваат од НБРМ.
Според податоците, нашите граѓани имаат 1,1 милијарда евра активни кредити вложени во недвижен имот. 70% од овие кредити се со променлива камата. Побарувачката за откуп на недвижен имот се очекува да се намали по нова година и како резултат на тоа да се намалат и цените.
Аднан Ќаили