Мијалков на чекор да се спаси од Титаник 2

Намерните или ненамерните технички пропусти и последователната преписка меѓу Кривичниот суд Скопје и Затворот Струга води кон безбедно спасување на поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков од обвинението во случајот „Титаник 2“. Неговото дело за овој случај застарува за четири месеци, а судскиот процес за овој предмет не почна денеска зашто Мијалков не беше спроведен од затворот во Струга. Од оваа институција се правдаат дека не го спровеле зашто според нив, поканата за на Суд била за на 12, а не за 22 декември.
„Се работи за техничка грешка на Кривичниот суд. Во нашата институција најпрвин добивме налог за осудениот Сашо Мијалков на 28 ноември за судска седница на 12 декември. По оваа наредба постапивме и на таа соодветна седница го испративме осудениот Сашо Мијалков. Оваа судска седница беше откажана и потоа на 14 декември во нашата институција повторно пристигна барање од Кривичниот суд за истото лице, но и во ова барање датумот на судската седница беше ист како и претходното барање, кое беше 12 декември. Значи, евидентно е дека се работи за техничка грешка“, вели директор на затворот Струга, Валон Ќира.
Алсат ја обезбеди поканата на Кривичниот суд издадена на 14 декември, потпишана од судијата Огнен Ставрев, на која Мијалков е поканет на судска седница, на 12-ти а не на 22-ри декември.
Од Кривичниот суд објаснуваат дека на поканата останал датумот на првичното рочиште, но тоа е судска пракса и додаваат дека обвинетиот и неговата одбрана биле запознаени со денешното рочиште, но одлучиле да не се појават.
„Врз основа на судската пракса, наредбата може да го содржи датумот на првата закажана главна седница, а за сите понатамошни наредби важи евидентниот број што е во повратниот документ на затворот. За образложението на затворот Струга дека наредбата се однесува на 12 декември (кога се одржа последното рочиште), особено е важно да се напомене дека затворот ја добил на 14 декември, па не е јасно како ќе ја спроведат наредбата два дена подоцна. Дотолку повеќе што на судското рочиште одржано на 12 декември во присуство на обвинетите, неговите адвокати како и службата за придружба од затворот Струга, беше истакнато дека следното рочиште е закажано за 22 декември“, велат од Кривичниот суд од Скопје.
Од Министерството за правда велат дека го ангажирале Одделението за извршување санкции да го испита случајот, додавајќи дека ќе ги санкционираат сите оние кои намерно или ненамерно направиле отстапки.
Во март 2019 година Кривичниот суд го осуди на три години затвор поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Според обвинението на Специјалното обвинителство, Мијалков му дал насоки на лидерот на ДПА, Мендух Тачи, како да гласа членот на ДИК, Бедредин Ибраими за барањето да се повтори гласањето во избирачко место во Струмица.
Кон крајот на 2019 година Апелациониот суд ја поништи пресудата и предметот го врати на повторно судење. Оттогаш до сега предметот остана во Кривичниот суд, а имајќи предвид дека делото на Мијалков истекува во април, речиси е невозможно да се донесе правосилна пресуда во овие четири месеци.
Ардит Рамадани