Министерството за здравство не го реши проблемот со недостиг на педијатри во Охрид

Министерот за здравство Беким Сали повторно вети дека ќе се реши проблемот со детското одделение во Охрид. Откако е на оваа функција тој на неколку пати уверуваше дека проблемот со недостигот на педијатри ќе се реши. Охрид остана само со двајца педијатри. Но, помина повеќе од една година, а последниот одговор од министерството со кое тој раководи е повторно ист, како и претходните три.
„За охридската болница се бара начин за надминување на предизвикот со педијатри во рамки на законските можности“, наведуваат од Министерството за здравство.
Сали во септември рече дека проблемот ќе се надомести со стручен кадар од други градови, конкретно од болницата во Струга.
„Тоа значи дека е побарано од директорите да има договор меѓу двете институции, за неделно да се ротираат лекарите од Струга во Охрид“, велеше министерот за здравство, Беким Сали.
Директорот на струшката болница вели дека на сите пациенти од Струга, но и пошироко од регионот им се дава потребната здравствена услуга.
„…Во однос на ротирањето, нашите институции и ние како менаџери сме во координација со Министерството за здравство и мислам дека и оваа пречка ќе се преброди што побрзо и ќе се дојде до конечно решение“, рече Арменд Арслани-директор на општа болница Струга.
Но, лекарите од Струга со кои разговараше Алсат не се согласуваат да ротираат во Охрид, бидејќи како што велат, веќе имаат зголемен обем на работа. Дури и алармираат дека се на крајот со силите. Дневно имаат и по повеќе од 100 прегледи со пациенти и од Охрид и од Дебар. Во ноември лани детското одделение во Охрид поради недостаток на педијатри, почна да работи само како обична амбуланта. Во вечерните часови, за време на викенди и празници, како и за хоспитализација, пациентите се препраќаат во Струга.
Мики Трајковски