БЕСА единствена од албанските партии со предуслов за уставните измени

БЕСА останува единствена политичка партија од албанскиот блок која ги условува уставните измени со предвремени парламентарни избори. Барањето на Биљал Касами не наиде на поддршка ниту кај опозициската Алијанса за Албанците. Оттаму велат дека не се против избори, но евроинтегративниот процес треба да е приоритет, а не да се користи во политикантство.
„Секое калкулирање со други политички партии кои не ѝ сакаат добро на иднината на оваа земја и со јавно коментирање на разно-разни политички калкулирања мислам дека не ѝ носи ништо добро на самата нивна политичка партија, а секако и на земјата“, рече Наим Бајрами – Алијанса за Албанците.
И покрај внатрепартиските препукувања, ДУИ останува на заеднички став за изгласување на уставните измени. Поддршка, без дополнителни услови, даваат и тројцата пратеници од „огнената група“.
„За стратешките определби на земјата, за уставните измени, за Договорот со Бугарија, не со една туку со две раце ќе гласаме“, рече Изет Меџити – потпретседател на ДУИ.
Доколку се земе предвид дека е можно двајцата пратеници од БЕСА да не ги поддржат уставните измени, но и Павле Трајанов од Демократски сојуз кој за својот глас побара Бугарија да го смени својот Устав и да признае македонско малцинство, тогаш „мнозинството“ брои 71 глас. Тоа се девет пратеници помалку од неопходните 80 за промена на Уставот. Категорично против измените се пратениците Апасиев и Крмов од Левица, а од ВМРО-ДПМНЕ бараат гаранции од ЕУ дека после евентуалната промена на Уставот Бугарија повеќе нема да ја блокира Македонија. Измените предвидуваат внес на Бугарите, Хрватите и Црногорците во Уставот, по што би започнале да се отвораат преговарачките поглавја за членство во Унијата. Ова власта настојува да се случи најдоцна до ноември, кога завршува т.н. скрининг-процес, па се најавува и интензивирање на консултациите за уставните измени од наредната недела.
Лука Андреев