Еве колку мито земал полицискиот командир на Табановце

На командирот на граничниот премин во „Табановце“ судот му одреди триесетдневен притвор поради сомнение за сторени три кривични дела „криминална соработка“, „поткуп“ и „злоупотреба на службената должност“. Заедно со него истата мерка им е одредена и на уште двајца полицајци. Мерки на претпазливост се изречени за полицајците за кои во моментов нема доволно докази, но тие се должни да се јавуваат во судот до завршување на истражната постапка.
„Изречена е мерка притвор од 30 дена за осомничените: И.Н, Ф.В и Д.К. На Х.К му е одреден домашен притвор, а А.С и М.Ј поради скратена постапка ќе останат во притвор 8 дена. Во меѓувреме, одредени се мерки на претпазливост на Ј.Н., Н.П и А.А“, велат од Кривичен.
Обвинителството тврди дека групата била добро организирана, а ја формирал првоосомничениот, односно командирот на граничниот премин. Според обвинителството, тој ги задолжил полицајците да му доставуваат по 150 евра месечно.
„Првоосомничениот најпрвин како началник на смена, а потоа и како командир на граничниот пункт организирал или влијаел на организирање на уште тројца вработени во кабините каде што има поголема фреквенција на патници кои влегуваат и излегуваат од државата. Тројцата полицајци биле задолжени да бараат и примаат подарок од 5, 10, 20 или 30 евра за себе и за првоосомничениот за да извршат службени дејствија за кои немаат право (согласно законот) да ги прават: дозволуваат автомобили без зелен картон, без овластување, без патни исправи, возачка дозвола или други потребни документи. Од 2020 година до 25 декември 2022 година повеќе пати примиле поткуп, додека секој месец имало обезбедено сума од 150 евра што му ги давале на првоосомничениот (командирот)“, наведуваат од ЈО.
При рацијата полицијата запленила поголеми суми пари кои биле пронајдени во куќите на осомничените и на нивното работно место, што се докажува и преку снимките од полициската акција.
„Запленети се 16.413 евра, 219.195 денари, 60 швајцарски франци и 375 српски динари. Кај осомничениот Х.К пронајдени се најголема сума пари, вкупно 15.885 евра и 30 швајцарски франци“, велат од МВР.
Групата била под посебни истражни мерки уште од 2020 година. Полицијата соопшти за 12 кривични пријави, додека Обвинителството постапи со истражни мерки против 9 полицајци. Не се знае дали врз основа на кривичните пријави Внатрешната контрола во МВР ќе преземе дисциплински мерки против полициските службеници или не.
Адриан Керими