Град Скопје: Усвоен буџетот за 2023 година, ќе има пари за програмата „За модерно Скопје“

Преку писмено соопштение, доцна синоќа Град Скопје информира дека по конструктивна расправа на советничките групи во градскиот Совет е усвоен буџетот за следната 2023 година.
Буџетот на градот, тежок нешто над седум милијарди денари, според Град Скопје, ќе значи можност за реализација на ветените проекти од програмата „За модерно Скопје“.
„Градот Скопје за наредната година донесе развоен буџет, со социјална компонента и соодветни мерки за домаќинско и штедливо работење на градот. Благодарение на Советот на Град Скопје и конструктивноста на сите советнички групи, граѓаните на градот Скопје за следната 2023 година имаат нешто над седум милијарди денари (7 094 386 000 денари) за реализација на проекти кои значат исполнување на програмата ‘За Модерно Скопје’“, се наведува во соопштението од Град Скопје.
Значителни средства од буџетот за следната година, како што додаваат оттаму, ќе бидат наменети за субвенции на социјално ранливи категории граѓани кои имаат потешкотии поради актуелната економска и енергетска криза. Паралелно на тоа, од Град Скопје додаваат дека продолжуваат и програмите за субвенции кои беа актуелни и во тековната година.
„За следната година, благодарение на конструктивноста на советниците од сите советнички групи во Советот на Град Скопје, за следната 2023 година граѓаните ќе добијат буџет кој ќе значи и реализација на проекти за подобрување на јавната инфраструктура, подигнување на нови зелени површини, нови содржини во зоолошката градина и реализација на новиот Луна Парк“, додаваат од Град Скопје во писменото соопштение.