За домаќинствата цената на струјата останува иста и од 1 јануари

Струјата од 1 јануари ќе биде поевтина за домаќинствата и малите компании. За домаќинствата кои штедат струјата за блок I се намалува за 4,11%, а за блок II за 2,95%. Поскапување ќе има за блок III за 0,85% и за блок IV за 7,65% од потрошувачите. Вака денеска одлучи Регулаторната комисија за енергетика. Од таму велат дека овие ценовни промени имаат за цел да не се почувствуваат ефектите од зголемувањето на ДДВ за електрична енергија од 5 на 10%.
Со корекциите, ако вкупната цена што ја плаќале потрошувачите во првиот блок билa 7,72 денари за KW/h, сега ќе биде 7,41 денари. Ако цената што се плаќалe во вториот блок била 8,05 денари за KW/h, сега ќе биде 7,84 денари. Ако цената во третиот блок била 8,66 денари за KW/h, сега ќе биде 8,74 денари. И ако цената во четвртиот блок била 17,48 денари за KW/h, сега ќе биде 18,81 денари. Се намалуваат и трошоците за дистрибуција на електрична енергија од 3,3 на 2,68 денари, но на истата треба да се додаде и данокот на додадена вредност од 5% на 10%.
Благ пораст има и кај евтината тарифа. Ако еден киловат користен во евтина тарифа чинеше 3,99 сега ќе чини 4,00.
Промените на цените во блок тарифите за електрична енергија покажуваат дека е намалена дистрибуцијата на електрична енергија, но е вратен данокот од 5 на 10%. Што значи дека, во првиот Блок, ако едно семејство плаќало сметка од 2.000 денари, сега ќе има симболично намалување од 50 денари месечно, или со други зборови, штедат доволно за да купат еден леб.
Регулаторната комисија за енергетика ја намали цената за малите компании кои се на регулираниот пазар за 20,15%. Оваа цена ќе важи за 70.000 фирми во земјава кои се соочуваа со поскапување на струјата. Тоа се мали продавници, фризерски салони, берберници, мали кафулиња и слични фирми на кои им е потребна оваа помош. РКЕ делумно ги прифати барањата на енергетските компании. АД МЕПСО побара зголемување на цената на преносот за 29,75 отсто, „ЕВН Дистрибуција“ побара намалување на услугата за дистрибуција на електрична енергија за 2,8 отсто, додека универзалниот снабдувач „ЕВН Хоум“ побара зголемување на цената за снабдување со електрична енергија за 5 отсто.
Аднан Ќаили