Државата воведува кризен данок од 30 отсто за неколку илјади компании

Покрај банките и комерцијалните компании, во кризниот данок од 30%, ќе влезат и оние кои оствариле приход годинава од над 10 милиони евра. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, објасни дека овој данок ќе биде еднократен и се однесува само на добивката остварена годинава, која е поголема од просекот во изминатите четири години. Вицепремиерот рече дека се очекува да бидат вклучени илјадници компании, но и дека овој данок нема многу да влијае на нивната ликвидност и профит.
„На пример, ако една компанија во последните 4 години имала просечна добивка од 1 милион евра и годинава има 20% пораст, односно стануваат 1,2 милиони евра, до оваа сума данокот на добивката ќе биде ист како што беше порано. Разликата од 1,2 милиони евра до евентуално новиот профит којшто на пример е 2 милиони евра, односно на разликата од 800 илјади евра се пресметува 30% отсто данок на добивка само за оваа година или дополнителни 240 илјади евра ќе бидат платени во име на данок на добивка“, рече Битиќи.
Тој рече дека во овој данок ќе бидат опфатени и компаниите кои тргуваат со нафтени деривати, трговците на големо како и компаниите од енергетскиот сектор и други кои се наведени во ТОП-100 за оваа година. Битиќи, рече дека парите собрани од овој данок ќе се искористат за справување со кризата и дел од нив, како што рече, ќе може да се искористат за поддршка на големите компании за излез од кризата.
Аднан Ќаили