
Владата ќе им остави рок на малите фирми до февруари да ги намалат цените кои ги зголемија поради високите сметки за струја, откако вчера регулаторот соопшти дека за нив ќе има 20 отсто намалување. Станува збор за 70 илјади микро и мали бизниси претежно од трговијата, угостителството и услужните дејности. Доколку не постапат етички и не ги намалат своеволно цените, ќе интервенираат инспекторатите, најавуваат од Владата.
„Владата има механизам за следење преку надлежните инспекторати за тоа како се движат цените на услугите и доколку воочи дека трговците не ги намалуваат цените на своите производи, има механизми кои ѝ стојат на располагање за ограничување на цените или на маржите како што е направено и претходно“, рече Виктор Андонов, владин советник за енергетика.
Одлуката за намалување на цената на струјата за малите потрошувачи кои се на регулираниот пазар ја поздравија од Занаетчиската комора. Засега нема информација кога и дали ќе ги намалат цените кои им се зголемени поради високите сметки за струја.
„Со новите цени најголема добивка имаат малите фирми. За нив струјата ќе биде поевтина така што наместо 17 денари за киловатчас, ќе плаќаат 13 денари. Евтината ќе чини 10 денари за киловат“, наведуваат од Комората на занаетчии.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак, обвинуваат дека цената на евтината тарифа се зголемува речиси за двојно со растот на ДДВ-то на струјата. Тоа значи дека де-факто ќе нема никакво намалување на крајната цена на електричната енергија.
„Како СДСМ го пресмета намалувањето на цените кога од сите елементи со кои се формира цената единствено ќе се намали тарифата за пренос и дистрибуција, додека сите други елементи ќе се зголемат, вклучувајќи го и ДДВ? Останува да се почека почетокот на февруари кога ќе стигнат првите сметки на домаќинствата и да се распадне лагата на СДСМ како меур од сапуница“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Регулаторна вчера објави дека првите два блика каде се 98 отсто од домаќинствата по Нова година ќе имаат речиси идентични сметки, а пак за малите потрошувачи цената се тврди дека ќе биде намалена за 20 отсто.
Иле Петревски