Протест пред српската амбасада во Скопје

Со натписи „Стоп за воинствените политики“, „Стоп за српскиот геноцид во Прешевската Долина“, „Криминалците имаат име“ и многу други пораки Здружението на поранешни албански политички затвореници и осуденици протестираше пред српската амбасада во Скопје. На протестот за поддршка на Косово дојдоа и претставници на Алтернатива, Алијанса за Албанците и БЕСА. Демонстрантите побараа меѓународниот фактор да дејствува за зачувување на суверенитетот, мирот и слободното движење на граѓаните на Косово.
„И оваа грда балканска копија на Путин ги следи неговите чекори, тој исто така ги користи косовските Срби како алатка за да биде на власт во време кога српската опозиција од ден во ден е погласна и посилна од кога било. Бараме од меѓународниот фактор дејствување во корист на зачувување на суверенитетот, мирот и слободното движење на граѓаните на Косово. Бараме од КФОР и ЕУЛЕКС да не ги поистоветуваат криминалците и шверцерите на северот на Косово со легалните и легитимни постапки на Владата на Косово“, рече Шпетим Положани, претседател на Здружението на албански политички затвореници.
„Денеска сме тука да го поддржиме повикот на Здружението на политичките затвореници Албанци во Македонија за заедно да го изразиме нашиот став за суверенитетот на Република Косово и го осудуваме експанзионизмот и територијалните претензии на Србија кон северот на Косово“, рече Адем Јашари, младински форум-Алтернатива.
„За поддршка на државата и Владата на Косово, да се инсталира правниот систем и законот во Косово и да се казнат постапките на бандите поддржани од Владата на Србија. Се знае дека тенденцијата на Владата на Србија е дестабилизација на државата Косово“, рече Халил Снопче, Алијанса за Албанците.