СДСМ: Написите за наводен раскол се „пуста желба“ на опозицијата

Пишувањата на Плусинфо за наводен раскол во СДСМ, од партијата ги оценија како „пуста желба“ на опозицијата. Коментирајќи ги написите за тензии на релација Ковачевски-Заев, што би можеле да доведат до смена на актуелниот партиски лидер и предвремени парламентарни избори напролет, портпаролот на СДСМ, Богданка Кузеска истакна дека тоа е желба на силите кои се против европскиот пат.
„За натписите, како што кажавте, но и шпекулациите коишто веќе се изнесуваат во јавноста… раскол во СДСМ нема. Тоа е само една пуста желба, можат слободно да кажам, очајна желба на ВМРО-ДПМНЕ да биде така. Можам исто така да кажам и дека е пуста и очајна желба и на пироманите коишто не сакаат Македонија да чекори по европскиот пат“, рече Богданка Кузеска – портпарол на СДСМ.
Плусинфо претходно пишуваше дека екс-премиерот Зоран Заев подготвил план за смена на Ковачевски и предвремени избори годинава, бидејќи во намерата имал поддршка и од пратеници на СДСМ, кои би откажале послушност на раководството на партијата. Во меѓувреме, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кажа дека постоеле „охрабрени пратеници“ од владејачкото мнозинство кои би гласале недоверба на Владата. Според Мицкоски, ваквото гласање на недоверба во Собранието би се случило кон крајот на месецов, а изборите за нов парламентарен состав би можеле да се одржат на 14-ти или 21-ви мај.
„Прашањето по однос на предвремени парламентарни избори е апсолвирано прашање, затоа што ставот на СДСМ веќе е кажан неколку пати. Парламентарните избори ќе се одржат во 2024 година и на тие избори победник ќе биде СДСМ, над заложниците на Димитар Апасиев и Левица“, додава Кузеска.
Во текстот на Плусинфо пишуваше и дека ескалација на внатрепартискиот конфликт се очекува на првата наредна седница на Централниот одбор на СДСМ. Од партијата велат дека седница на овој орган засега не е закажана.
Лука Андреев