Гласањето за уставните измени, приоритет за 2023

Обезбедувањето двотретинско мнозинство за уставните измени ќе биде најголем предизвик во 2023-тата година, оценува шефот на дипломатијата Бујар Османи, во интервју за новинската агенција „Косова прес“. Министерот верува дека овој предизвик ќе се надмине и потсети дека без измените ќе се прекинат преговорите за членство во Европската унија.
„Сега е време да се започнат формалните институционални консултации, иако постојат неформални консултации, ангажирани се и меѓународните партнери, кои се свесни за последиците од овој процес… Со почетокот на оваа година треба веќе да ги формализираме консултациите и тие да бидат отворени и транспарентни, да ја поттикнеме оопозицијата да излезе зошто се против и која алтернатива ја нудат“, рече министерот Османи.
Османи истакна дека секој пратеник поединечно треба јасно да образложи зошто е против уставните измени. Според него, содржината на измените, за внес на Бугарите во Уставот, воопшто не е спорна. Тој во оваа насока не ја исклучува и можноста за зголемување на владејачкото мнозинство, додавајќи дека отворањето на поглавјата ги надминува партиските интереси.
„Тоа е промена на уставот, тоа е продолжување или отворање на поглавјата што треба да се случи годинава, тоа е менаџирање на енергетската криза, економската криза, сето ова мислам дека создава политички моментум за проширување на соработката со сите политички партии, бидејќи сега веќе не е тој класичен натпревар меѓу партиите на власт и во опозиција, сега имаме предизвици кои ги надминуваат овие партиски агенди и мислам дека постои простор за проширување со сите оние кои го поддржуваат европскиот пат“, рече Османи.
Засега нема најава кога во Собранието би започнал процесот на уставни измени. Неодамна вицепремиерот Бојан Маричиќ кажа дека тоа би се случило во моментот кога е обезбедено двотретинско мнозинство. Последно, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека овој парламентарен состав нема да ги гласа уставните измени и побара предвремени парламентарни избори, додека пак претседателот на БЕСА, Биљал Касами рече дека пратениците од неговата партија ќе дадат поддршка за промена на Уставот, доколку се отстрани и терминот „20%“ кој се употребува за албанскиот јазик.
Лука Андреев