
2023 година нема да биде година на заздравување на глобалната економија. Ова е ставот на директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристина Георгиева. Таа во интервју за СИ БИ ЕС вели дека за поголемиот дел од светската економија, годинава ќе биде тешка бидејќи главните двигатели на глобалниот раст, САД, Европа и Кина, ќе доживеат забавување на економската активност.
„Новата година ќе биде „потешка од годината што ја оставаме зад нас. Очекуваме дека една третина од светската економија ќе биде во рецесија. Дури и во земјите кои не се во рецесија, стотици милиони луѓе ќе се чувствуваат како да се во рецесија“, рече Кристина Георгиева, директорка на ММФ.
Дополнителен притисок на целата ситуација прави и војната во Украина, а таа беше и доволна причина ММФ во третиот квартал лани да ја намали и прогнозата за глобалниот економски раст. Георгиева е претпазлива и околку очекувањата за движењето на инфлацијата како и високите каматни стапки создадени од централните банки, како што е американската централна банка, за да го ублажат растот на цените. Она што е загрижувачки е дека Георгиева смета дека во 2023 година една третина од светската економија ќе биде зафатена од рецесија.
Иле Петревски