Скопските општини сепак ќе немаат заеднички градежни инспекции

Пропадна најавата на скопскиот градоначалник Шилегов за заеднички инспекции за градежништво меѓу сите градски општини. Освен што потпишувањето на тој договор веќе неколку пати се одложува, секоја недела, па и денеска, се даваат нови ветувања дека тоа ќе се случи наскоро.
„Во тек е да речам, усогласувањата на договорот и меморандумот. Јас очекувам дека многу, многу, многу бргу, кога зборувам, зборувам за денови, не за нешто повеќе…“, рече Шилегов.
Сепак, градоначалниците на скопските општини не се договориле за заеднички инспекции во ресорот градежништво.
„…Меѓутоа, тоа не ја опфаќа градежната инспекција, ја опфаќа само животната средина“, додава Шилегов.
Но, токму поради проблемите во градежништвото почна целата идеја за ваква меѓуопштинска соработка. Главен мотив беше дивоградбата кај Мавровка, која власта ја урна.
„Целта ни е како што реков да се избегнат случаи каде што некој воопшто ќе може да помисли, а камо ли да почне да гради дивоградба во центарот на Скопје“, велеше Шилегов.
Договорот за заеднички инспекции требаше да биде потпишан на крајот од октомври, но се одложи, а сега повторно нема точен датум кога евентуално ќе се случи тоа.
Игор Стефановски