ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Советникот во Стејт депарментот, Дерек Шоле, в среда во Скопје

Советникот во Стејт депарментот Дерек Шоле се очекува за време на неговата посета в среда во Скопје да ја реафирмира поддршката на САД за земјава. Американската амбасадорка Анџела Агелер информира дека Шоле ќе ја продолжи веќе започнатата дискусија со домашните власти на неколку теми, меѓу кои и борбата против корупцијата. Последно, во видео-разговор со премиерот Ковачевски кон средината на декември, двајцата зборуваа за енергетиката, владеењето на правото, борбата против корупцијата и реформскиот процес на патот кон ЕУ.

Advertisements

„Тој ќе дискутира за нашите заеднички приоритети. Ако го гледавте неговото неодамнешно интервју, тој зборуваше за дел од тие приоритети, вклучувајќи ја борбата против корупцијата и тоа останува како приоритет од Вашингтон, а ќе покрене и други прашања во неговата кратка посета“, рече Агелер.

Посетата на Шоле требаше да се оствари кон средината на декември, но таа беше откажана поради неговиот позитивен ковид-тест. Периодот на посетата совпадна со информацијата дека во Скопје присуствувал тим на американски истражители, за кои претседателот Пендаровски не ја исклучи можноста дека работеле на изготвување на санкции кон поединци од земјава, односно на составување на т.н. „црна листа“.

Инаку, Агелер нагласи и дека Шоле е посветен на безбедноста на Западен Балкан. Па така, додека се очекува за време на посетата на Скопје во фокус да биде борбата против корупцијата, веројатно стабилноста и нормализацијата на односите ќе биде главното прашање во продолжението од балканската мини-турнеја во Приштина и Белград. Токму на ова прашање тој се осврна во последното интервју за Гласот на Америка на српски јазик.

„Пред сè, важно е кризата да не се повтори. Премногу од нашата енергија беше вложена изминативе неколку недели за да се спречи влошување на кризата и ескалација на нешто што никој не сака да го види, а тоа е насилство. Наместо тоа, попрво треба да се вложи дипломатската енергија во разговорите за иднината на Косово и Србија, иднината на предлогот за нормализација што го предложи Европската унија, а чиј корен е меѓусебното признавање“, рече Шоле.

Според најавата на американскиот Стејт департмент, Шоле во Скопје ќе пристигне со поширока владина делегација.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button