Судиите Беџети и Елези го спасиле Мијалков од 20 години затвор

Судиите Енвер Беџети и Лирије Елези го спасиле поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков од две децении затвор во случаите „Таргет Тврдина“ и „Трезор“. Намерно ја одолговлекувале постапката и документите ги чувале во фиока со месеци, оцени Судскиот совет.
Извештајот утврдил дека амбициозниот судија Енвер Беџети, кој во моментов има намера да стане врховен судија, без никаква релевантна причина предметот за масовното прислушување познат како “Таргет Тврдина“ го држел во фиока цели 9 месеци. Со тоа се создале услови Мијалков да не одлежи ниту еден ден затвор за ова дело, иако претходно од Кривичниот суд беше осуден на 12 години.
За овој предмет јавната седница била одржана на 07 март лани, а одлуката беше донесена на 05 декември.
За случајот “Трезор“, каде Мијалков според Основниот суд требаше да одлежи 9 години затвор, негов спасител била судијката Лирије Елези. Според порталот, СДК, сопругот на судијката бил примен во Тајната полиција во времето кога Мијалков бил директор.
И покрај изјавите на апелационите судии дека во овој случај се работи за комплициран предмет и оти требало да се сретнат неколку пати, Тања Чачарова Илиевска од Судскиот совет рече дека нема докази, односно записници за овие наводни средби.
Не се знае дали некој ќе одговара за овие постапки бидејќи целта на извештајот била само да се утврдат состојбите. Него го подготвија 3 члена на Судскиот совет по притисокот од јавноста за неодамнешните одлуки на Апелациониот суд за Мијалков. Членовите образложиле дека предметите одземаат многу време поради преоптовареност со работа, одмори, боледувања и поради сложеноста на предметите.
Ардит Рамадани