ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Казна или награда за судијата Енвер Беџети за слободата на Мијалков

Сè уште не е целосно јасно дали судијата Енвер Беџети, кој го спаси поранешниот шеф на тајната полиција Сашо Мијалков од издржување затворска казна, ќе биде казнет или награден со функцијата врховен судија. Беџети, заедно со судијката Лирие Елези, ги прекршиле законските одредби со тоа што предметите за Мијалков намерно ги држеле во фиоки со месеци додека не застареле. Овакви се наодите од извештајот на Судскиот совет. Во меѓувреме и покрај тоа што советот преку електронскиот систем има пристап во секое време да го следи текот на предметите, тој изврши увид во работата на Апелација дури по бројните реакции во јавноста и меѓународниот притисок за независно судство.

Advertisements

Според тоа, членовите на советот во секое време можеа да видат како предметите на Мијалков седат во фиока, додека Апелација работи на други предмети, дури и на најновите од 2022 година. И покрај вчерашните изјави дека биле евидентирани прекршувања на законот од страна на двајцата судии, денеска Советот не беше сигурен дали некој ќе сноси одговорност или не.

„Сега влегуваме во нова фаза што значи доверливост и заштита на интегритетот на судиите. Судскиот совет ќе продолжи да работи на овие случаи за да утврди дали некој е одговорен или не за да може во иднина да преземе дополнителни правни дејствија“, наведуваат од Судскиот совет.

Неофицијално дознаваме дека оваа постапка може да трае со месеци и ќе има казни. Но, сè уште не се знае кој од „спасителите“ на Мијалков ќе одговара за прекршоците, бидејќи одлуките ги донел петчлениот совет на Апелациониот суд, но главните и најкомпетентните, за „Таргет Тврдина“ и „ Трезор“, се Енвер Беџети и Лирије Елези.

Додека Мијалков ќе живее на слобода за главните предмети, според организацијата „Сите за правично судење“, мерките што може да се преземат против судиите се движат од најлесните, а тоа е дисциплинска постапка, па сè до нивно кривично гонење.

„Од аспект на индивидуална одговорност, доколку се констатираат повреди на постапката предизвикани од судиите, Судскиот совет има можност да поведе дисциплинска постапка против судиите и да ги казни, па дури и да ги разреши од функцијата. Исто така, доколку има докази дека повредата на постапката е сторена со злоупотреба на службената положба на судиите заради профит, примање поткуп и слично, тогаш може да се поведе кривична постапка“, велат од „Сите за правично судење“.

Во 2018 година беше воведено ново кривично дело Попречување на правдата. Според него, доколку постојат сомневања за противзаконито влијание во судот предизвикано од сериозна закана или со ветување, нудење или давање каква било корист, сторителите ќе се санкционираат. Во 2020 година, поранешниот претседател на Кривичниот суд во Скопје, Владимир Панчевски, првично беше осуден на 3 и пол години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување, односно за злоупотреба на електронскиот АКМИС систем за распределба на предметите.

Ардит Рамадани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button