„УСЈЕ“ може да ја загуби интегрираната А дозвола

Цементарницата УСЈЕ може да се соочи со парична казна од 180 до 200 илјади евра и да ја загуби дозволата. Државниот инспекторат за животна средина го објави решението преку кое се наложува цементарницата да преземе одредени дејствија доколку сака да продолжи да ја поседува интегрираната А дозвола. Најголемо загадување дошло од котелот кој работи со мазут. УСЈЕ има 5 дена да премине на природен гас, а во меѓувреме да ги плати трошоците за анализите направени на 3 и 4 јануари годинава.
„Да се мерат емисиите на гасови од оџакот на парниот котел што ќе биде во функција. Рок за завршување на задачата: 10 дена по искористувањето на природниот гас како гориво. Да ги следи сите точки на испуштање од производствените процеси во акредитирана еколошка лабораторија во присуство на Државниот инспектор за животна средина. Рок за спроведување на задачата: 15 дена од одлуката. Доколку државниот инспектор за животна средина, согласно член 200 став (4) од Законот за животната средина, утврди дека не се постапува по решението и причините наведени во решението не се отстранети, државниот инспектор за животна средина ќе поднесе барање за поведување кривична постапка пред надлежниот орган или суд, како и постапка за одземање на добиените дозволи и овластувања“, наведуваат од Инспекторатот за животна средина.
Министерот за животна средина Насер Нуредини вели дека од актуелниот случај со УСЈЕ поука треба да извлечат сите компании кои имаат интегрирана А дозвола. Според него, Законот за инспекциски надзор, одобрен во 2022 година, им овозможува на државните инспектори во соработка со локалните без најава да вршат вонредни инспекциски надзори.
„Не, сигурно нема да исчезне. Во никој случај, ова ќе оди до крај и ќе се испита дали имало правни пропусти, а ќе има и санкции. Она што треба да се спомене е дека законот што го донесовме во 2022 година за инспекциски надзор во животната средина покажува резултати. Од Инспекторатот стигна предлог тие да бидат казнети. Секоја компанија, без разлика дали е во приватниот или во државниот сектор, мора да внимава, но ова е предупредување до сите дека ќе се погрижиме да ги почитуваат законите и правилата“, рече Насер Нуредини – министер за животна средина.
Пред околу две недели, кога Скопје беше соочено со високо ниво на загаденост на воздухот, Министерството за животна средина побара пет големи фабрики секојдневно да ги испраќаат податоците од мерењата на емисијата на штетни честички. Станува збор за добра волја бидејќи законски ништо не ги обврзува компаниите за такво нешто. Од она што може да се види на веб-страницата на министерството, податоците не ги испратила само цементарницата. Алсат испрати прашања до оваа компанија за денешните случувања, но засега не добивме одговор. Во процедура во Владата е друг закон, по чие стапување во сила, компаниите кои поседуваат интегрирана А дозвола ќе бидат обврзани во реално време да испраќаат податоците од емисиите на загадувачки гасови.
Еви Шкопи