Дивоградбите и лошата инфраструктура ја задушуваат Попова Шапка
Дивоградбите и лошата инфраструктура ја задушуваат Попова Шапка

Дивоградбите ја задушуваат Попова Шапка. Недостасуваат и инвестиции во викенд-населбата. Улиците се во лоша состојба. Жителите се жалат дека многу функционери напразно ветувале дека проблемите ќе се решат. Општината и сега ветува инвестиции и борба против дивоградбите.
„Ова е викенд-населба тука на Попова Шапка. Жителите повеќе од една деценија бараат оваа улица да се среди. Пропустите се многубројни. Покрај дупките кои постојат, во оваа населба во најголем дел недостига фекална и атмосферска канализација. Ветувања има многу, секоја година, но до денес оваа улица сè уште не е направена, освен мали дотерувања што ги направиле самите жители“, информира Башким Сулејмани, новинар на Алсат.
Хабил Беџети е еден од најстарите жители на оваа населба. Вели дека состојбата е за срамота. Обвинува дека инспекторатот не ја врши работата.
„Имавме средби со сите функционери кои досега беа таму, бидејќи јас сум таму повеќе од 45 години, секогаш ветуваа, особено пред изборите, но по изборите, состојбата продолжува да се влошува и полошо. Најпрво треба да се направи одвод, асфалтирање. Во овој момент не работи ниту еден инспекторат, не само овде, туку и во големите градови. Не знам што е проблемот, народот страда. Треба еднаш засекогаш да се реши овој проблем“, рече Хабил Беџети, жител на населбата на викендичките.
„Дали е точно дека над 50 отсто од оние што граделе без дозвола се функционери?“
„Уште повеќе, не 50 проценти, туку повеќе, особено последниве години, без дозвола се изградени повеќето. Претходно требаше да се добие дозвола, колку треба да биде куќата, што треба да има, сега не е така.“
Од општина Тетово се запознаени со состојбата во која се наоѓа населбата и најавуваат инвестиции.
„Обезбедивме средства и тие се веќе во тендерска постапка, а по завршувањето на оваа фаза и објавувањето на јавните набавки, компанијата која ќе победи веднаш ќе започне со одржување на овие патишта, како и на патот што е во близина на викендичките на Попова Шапка. Ги запревме сите кои почнаа да градат без дозвола, додека не добиеме детален урбанистички план за да можат потоа да градат на тој простор“, изјави Бесар Дурмиши, Претседател на Советот на општина Тетово.
Покрај проблемот со дивоградбите, викендичките претрпуваат драстична промена од предвиденото со закон за нивна изградба, како што е нивното проширување, па некои од нив пораснаа и во четирикатни згради.
Башким Сулејмани