ВМРО го држи во тајност паѓањето на Владата

ВМРО-ДПМНЕ не открива детали за можното гласање недоверба на Владата. Партискиот лидер Христијан Мицкоски неодамна најави дека на крајот на месецов или почетокот на февруари, ќе биде изгласана интерпелација на Владата. Во намерата, како што додаде Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ ќе има поддршка од „охрабрени пратеници“ од мнозинството. Барањето за интерпелација го повтори и пратеникот Антонијо Милошоски, но од партијата не даваат детали.
„Тоа што можам да го кажам е дека сите демократски алатки, како интерпелацијата што е една од нив, се во игра засега“, рече Наум Стоилковски – портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Новинар: Барем временски период да ни откриете…?
„Не можам ништо повеќе да ви кажам“, рече Стоилковски.
Во однос на можноста пратениците од СДСМ и ДУИ да дадат поддршка за недоверба на Владата, од Бихаќка претходно одговорија тоа се лаги што ги лиферува опозицијата и дека наредните парламентарни избори ќе се одржат во 2024 година. И од ДУИ исто така истакнаа дека предвремени избори годинава нема да има. Дури и од Алијанса за Албанците сметаат дека приоритет во моментов се евроинтеграциите, односно уставните измени, а потоа избори. На иста линија со ВМРО-ДПМНЕ, барем јавно, засега е единствено БЕСА на Биљал Касами.
ВМРО-ДПМНЕ претходно поднесе иницијатива за недоверба на Владата кон крајот на 2021-вата година, но не ги доби потребните 61 глас во Собранието. И покрај тоа што партијата велеше дека е оформено ново парламентарно мнозинство, недостигаше гласот на пратеникот Кастриот Реџепи.
Лука Андреев