ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Тетово може да изгуби дополнителни 500.000 € за сомнителната милионска експропријација

Борбата на општина Тетово со граѓанин кому му било одземено земјиште со експропријација нема крај. Откако поради камати и доцнења општината досега му плати еден милион и 100.000 евра, сега локалниот буџет може да остане покус за дополнителни 500 илјади евра.

Advertisements

„Хаосот и понатаму продолжува. Побаравме од извршителот и од Министерството за финансии да нè известат дали исплатата за овој предмет е завршена, но сè уште немаме официјален одговор. Некои велат дека е завршена, некои велат дека има уште камата за пресметување која може да достигне и до 500.000 евра, па сè уште нема одговор ниту од Министерството, ниту од извршителот, кој има законска обврска да ја извести општина и да донесе извештај од фазите на извршување, но до денес нема таков одговор“, рече Биљал Касами, градоначалник на Тетово.

Во меѓувреме, веднаш откако сопственикот на земјиштето ја добил првата сума пари од локалниот буџет, општина Тетово побарала судот да определи времена мерка забрана до разрешување на случајот. Но, ваква одлука никогаш не била одобрена. На тој начин, граѓанинот за земјиште кое било проценето на 50.000 евра, досега од општинската каса добил над еден милион евра на име на камати за доцнење на исплатата.

„Почетокот на земање пари од буџетот на општината почнал во декември 2021 година. Тогаш сите средства што беа на жиро-сметката на општината беа земени од страна на извршителот, односно 13 милиони денари. Во 2022 година се земени вкупно 53 милиони денари, така што вкупно за две години се земени 66 милиони денари или 1,1 милион евра“, додава Касами.

Според Касами, сега најголем ризик е тоа што, дури и ако судот донесе нова одлука во корист на општината за лицето да мора да ги врати парите, тоа ќе биде многу тешко затоа што се работи за физичко лице. Касами апелира случајот да се истражи, бидејќи според него, во него се инволвирани повеќе лица, кои намерно избегнувале општината да доставува жалби за донесените решенија, за добиената сума да биде што поголема.

Башким Сулејмани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button