Лидерката на Бугарската социјалистичка партија (БСП), Корнелија Нинова го врати неисполнет третиот мандат за формирање влада, точно една недела откако и беше доверен од бугарскиот претседател Румен Радев, јавуваат тамошните медиуми.
По пропаѓањето и на третиот обид за формирање влада во Бугарија од страна на социјалистите, веќе е извесно дека земјата ќе оди на нови предвремени избори – петти во последните две години.
Нинова, враќајќи го мандот на Радев рече дека направиле се што е потребно за да го исполнат, а меѓу приоритетите на маса во преговорите со евентуалните коалициски партнери биле влезот на земјата во Шенген, буџетот за 2023 година и реформи во правосудството.
„Ги поканивме сите страни на разговор. Стана јасно дека нема договор и мнозинство за формирање на редовен кабинет, затоа го враќам третиот мандат“, рече Нинова, пренесува новинската агенција БГНЕС.