Сведочења за пожарот во Модуларната болница во Тетово

Пожарот во модуларната болница во Тетово се проширил многу брзо, за 10 до 15 секунди. Вака го започна своето сведочење на судењето за горењето на модуларната болница лекарот Мустафа Тахири, кој бил дежурен ноќта на 8 септември 2021 година кога се случи трагедијата. Тој раскажа како со ќебиња се обидел да ги спаси пациентите.
„Бев на смена кога се случи инцидентот. Пожарот прво се прошири во собата 3 откако реанимиравме еден од пациентите. Прво фрлив ќебе од пациентите врз огнот, но не се изгасна. Отидов да побарам кофа со вода, но не успеав да ја најдам. Отидов на Инфективната клиника да побарам помош, но додека се вратив, целиот објект беше запален. Не се сеќавам дали имаше апарат за гаснење пожар, но дури и да го имав в раце, не знам дали ќе можев да помогнам од збунетост бидејќи ситуацијата беше многу шокантна“, рече д-р. Тахири.
Другата присутна лекарка, Шпенза Арифи, рече дека брзо побарала од сестрите апарати за да го изгаснат пожарот, но не успеале да најдат.
„Побарав од сестрите апарат за гаснење пожар, но тие не најдоа. Се обидов да извадам шишиња со вода од бањата за да помогнам да го изгаснам пожарот. Што се однесува до посетителите, ги известивме дека не смеат да влегуваат, но наша работа е да ги лекуваме пациентите“, рече докторката Арифи.
Во сведочењата, членовите на семејствата велат дека никој не ги спречувал да бидат во модуларната болница за да се грижат за своите роднини.
„Останав со сопругот 28 дена по ред во модуларната болница. Никој не ме спречи да влегувам и да останам во близина на мојот сопруг. Во моментот кога видов дека пожарот се шири, се приближив да го спасам, но само го симнав од креветот и го спуштив на земја. Ја скинав мрежата на прозорецот и скокнав, добивајќи повреди на нозете, но јас преживеав. Додека престојував во модуларната болница, цело време имаше членови на семејствата на други пациенти“, рече еден од сведоците.
„Секои членови на семејствата остануваа во собата. Со мајка ми останав 28 дена. Од 14 до 8 ноќта кога се случи пожарот. Ние членовите на семејствата дефинитивно требаше да останеме таму бидејќи немаше услуга, немаше лекарска екипа. Имаше 3 сестри, а во 6 соби со 6 пациенти имаше 36 пациенти и секоја секунда им требаше нашата помош“, рече Мумин Исмаили, член на семејство на жртва.
Следното рочиште е на 16 февруари. Ќе продолжи сведочењето со оние кои денеска не беа присутни. Пожарот во модуларната болница во која се лекуваа пациенти со коронавирус предизвика смрт на 14 лица. Меѓу жртвите имаше и пациенти, но и членови на нивните семејства кои се грижеле за нив.
Вјолца Алити