Груби: Достигнувањата на ДУИ не треба да се напаѓаат

Ахметовата група и Огнената група во ДУИ продолжуваат со активностите на терен, и разменуваат различни обвинувања и навреди. Артан Груби синоќа во Чаир изјави дека е дојдено време кога луѓето мора да се прилагодат на предизвиците. Тој рече дека сегашните челници на ДУИ жнееле многу успеси, па не треба да се клоцаат.
„Секое време ги имаше вистинските луѓе да ги водат овие процеси. Две и пол години нема негативна одлука за Албанците, две и пол години нема критичар, не е одобрена маргинализирачка, дискриминаторска, антиалбанска одлука. Каде да тропате имате отворени врати. Каде сакате ги отварате вратите, вратите се отворени, од најмалиот ресор до претседателот на државата и сега сите овие добра не треба да се клоцнат“, рече Груби.
Груби, Османи и Бектеши во Чаир беа пречекани со огномет, но на социјалните мрежи беше објавена фотографија на која пишува дека Груби не е пречекан од членовите на ДУИ во Чаир, туку е придружуван само од министри, разни функционери од власта во придружба на нивните членови на обезбедувањето.
Во меѓувреме, потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, продолжи со обвинувањата, нарекувајќи ги челниците 2 отсто, што значи дека во текот на нивниот мандат не реализирале повеќе од два отсто од програмата на ДУИ. Меџити овојпат како неуспеси ги наброја: застапеноста на младите на одлучувачките места, отворање центри за професионална квалификација, фондот за знаење на младите, младинските додатоци од 3 000 денари, спортски ваучери и други пропусти во модернизација на спортската инфраструктура.
„Извршната власт од 2% целосно ги заборави ветувањата што им ги дадовме на нашите млади на последните парламентарни избори. Прочитајте и оценете колку од нив се реализирани или барем дискутирани!“, рече Меџити.
Огнената група вечерва одржува средба со сопартијците во скопски Ченто.
Мефаил Исмаили