
Линеарно зголемување на платите на вработените ќе има само во оние државни институции, кои се усогласиле со Законот за административни службеници. Министерот Бектеши рече дека усогласувањето ќе се направи од мартовските плати, а државниот модел треба да го следи и приватниот сектор, за линеарно зголемување од околу 2.500 денари.
Од Министерството за администрација и информатичко општество велат дека во април минатата година биле одобрени измени и дополнувања на Законот за административни службеници. Според нив, методологијата утврдена со закон утврдува зголемување на платата на административните службеници според зголемувањето на минималната плата.
„Главната цел на законот е да се постигне еднаквост на вработените во приватниот и јавниот сектор со најниски примања, преку утврдување на иста мерка на законската минимална плата и со постепено усогласување на остатокот од платите на административните службеници на сите нивоа како и преку обезбедување на континуитет на промените на платите во администрацијата поврзани со националната минимална плата, како долгорочна цел“, наведуваат од Министерство за администрација и информатичко општество.
Од Министерството за труд и социјална политика велат дека со усогласувањето на минималната плата во март, законски минималната плата ќе се зголеми и во и приватниот сектор.
Аднан Ќаили