Веќе ѝ ги земаа министерствата, а Алтернатива ќе „состанчи“ дури утре
Веќе ѝ ги земаа министерствата, а Алтернатива ќе „состанчи“ дури утре

Иако на Алтернатива ѝ се земени сите министерства, односно здравство, информатичко општество и администрација, но и министерството без ресор за дијаспора, како и сите нејзини заменици-министри, освен оној во култра, партијата на Африм Гаши за сите овие случувања ќе се произнесе утре.
Алтернатива со денови не даваше дефинитивен одговор дали останува или не останува во Владата со образложение дека чека финализирање на договорот меѓу Ковачевски и Таравари. На прашањето на Алсат, од Алтернатива денеска не сакаа да ги коментираат имињата доставени до Собранието, но велат дека премиерот знаел оти утре ќе се состанеле за да ја донесат конечната одлука.
„Ковачевски знаеше дека утре имаме состанок на партиското собрание и не знаеме зошто тој денеска до Собранието ја достави иницијативата за реконструкција на Владата. За ова ќе треба да го прашате премиерот. Ние ќе се произнесеме утре“, велат од Алтернатива.
Од СДСМ велат дека за Алтернатива вратата за соработка останува отворена.
По договорот меѓу Ковачевски и Таравари, сега Алтернатива останува без ниту едно министерство. Им останува само заменикот-министер во култура, Даим Ључи. Во листата за разрешување го нема неговото име. Тој е близок со пратеникот Скендер Реџепи Зејд, кој пред извесно време се отцепи од Алтернатива за да дејствува како независен. Ључи заедно со активисти на Алтернатива отворено се изјаснија против политиките на нивниот лидер Гаши и побараа разрешување на министерот за здравство, Беким Сали.
А, за да се потсетиме, Алтернатива потпиша договор за влез во Владата на 5 декември 2021 година со тогашниот премиер Зоран Заев. Договорот содржеше девет точки, меѓу кои интеграција во ЕУ, расветлување на судските случаи за кои постои сомневање дека се монтирани, како што се Монструм, Алфа, Дива населба. На агендата беше и борбата против корупцијата и квалитетот на образованието. Влегувањето на Алтернатива во Владата дојде веднаш по неуспехот на ВМРО-ДПМНЕ да создаде ново мнозинство заедно со партијата на Гаши, Алијанса за Албанците, Беса и Левица./Алсат.мк