Четири години по трагедијата кај Ласкарци, пресуда нема
Четири години по трагедијата кај Ласкарци, пресуда нема

Семејствата на загинатите и на преживеаните во несреќата во Ласкарци, на четвртата годишнина од несреќата се уште ги памтат моментите од оваа несреќа, а немањето судски епилог, ја слабее нивната верба во правосудните органи, и ја зголемува болката на оние кои најмногу ги загубија своите најблиски.
„Фебруари 2019 година го паметам како најтрагичниот месец во мојот живот, бидејќи освен што бев дел од оваа несреќа каде имав и многу тешки телесни повреди, исто така и во оваа страшна несреќа загубивме 16 животи. Велам искрено, и со големо жалење уште колку вакви случаи треба да се случат, што треба да се случи овде во Македонија, за правдата да ги реши случаите“, рече Лулзим Далипи, преживеан во несреќата во Ласкарци.
Лулзим Далипи, еден од преживеаните во несреќата, вели дека неказнувањето на виновникот прави граѓаните да се чувствуваат загрозени.
„Поминаа четири години и нема пресуда, тука некој мора да одговара пред правдата за загубата на човечки животи, и нормално секој граѓанин се чувствува загрозен кога не се решаваат случаи, а случајот за жал продолжува да се одолговлекува“, додаде тој.
Процесот за Ласкарци, во судските лавиринти е без никаков епилог. Одржани се над 100 рочишта, а повеќе од толку беа откажани. Последната седница на 9 февруари беше откажана и поради отсуство на вештакот Зеќирија Зеќири, кој беше дел од тимот од четворица инженери кои работеа на супер вештачењето со цел расветлување на причините за несреќата.
Во несреќата на 13 февруари 2019 година загинаа 16 патници, а 38 беа повредени. Судскиот процес започна на 5 септември 2021 година. Во овој судски процес обвинети се шест лица, сопственикот на Дурмо турс, Дурмиш Белули, одговорниот за превоз во компанијата, Ремзи Мифтари, возачот на автобусот Маноил Трифуновски, како и тројца вработени во станицата за техничка контрола./Алсат.мк
Ајнур Бафќари