„Не сакаа Министерство за бурек, па се вратија во Министерство за бифтек!“

Од „Огнената група“ коментираат дека вклучувањето на Алијанса за Албанците во Владата е акробатика и циркус. Потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити им порача на жителите на Долнени и Крушево дека со случувањата во Собранието се докажало оти борбата не била да се достигне бројката од 80 пратеници за уставните измени, туку да се спаси главата на Владата и Артан Груби. Според Меџити, договорот за вклучување на Алијанса во Владата не бил дискутиран во генералниот Совет на ДУИ, односно не ги поминал партиските филтри.
„Значи не е прашањето дали има 80 или 81 за уставните измени. Ова не е коалиција за Европа, не е заедно за Европа, туку едноставно е да се спаси главата на Владата или господинот Груби. Една година пред избори има чуден потег на ДУИ, но и на други кои беа во Владата и се покажа дека не сакале да бидат министри за бурек, но сега изгледа се враќаат во министерство за бифтек, Алијанса за Албанците. Со оваа извршна власт, со ова отуѓување, го изгубивме Полог. Анкетите не ни одат во прилог. Денеска се пазарат со Алијанса, дури слушнав дека можат да ги поканат и Беса и Алтернатива, велат – вратете се. Се согласуваат со сите, само со момците и девојките од ДУИ, со столбовите на ДУИ, се караат. Гневот не води кон добар пат. Гневот не води до нови победи“, рече Меџити.
На средбата на Огнената група со жителите на Долнени и Крушево, Меџити рече дека е време вниманието да се пресели надвор од Скопје, Тетово и Гостивар, во областите каде граѓаните се оставени на милост и немилост.
Мелихате Рустеми