Супер-вештачењето за „Ласкарци“ може целосно да го смени процесот

Дел од податоците од претходното вештачење за трагичната несреќа во Ласкарци кои беа клучни за покренување обвинение за уште пет лица покрај возачот на автобусот, преку новото супер-вештачење, кое е изготвено од Бирото за судски вештачења, може да го променат во целост судскиот процес. Можно е целата вина да опадне само врз возачот на автобусот. Со претходното вештачење, кое го изработија пет доктори на науки, беше констатирано дека возачот во еден момент закочил, но сопирачките не биле целосно функционални. Тие имале коефициент на кочење од најмалку 36%, додека законскиот минимум е 45%.
„Оваа ситуација е поврзана со сериозни неправилности на системот за сопирање. Тоа требало да се открие при техничката контрола и да се поправи“, се наведува во вештачењето нарачано од Обвинителството.
Техничкиот преглед автобусот го извршил во фирма која исто така е во сопственост на Дурмиш Белули, поточно сопственикот на Дурмо турс. Поради тоа, покрај возачот, на обвинителна клупа требаше да седнат уште пет лица.
Овие сознанија тогаш не ѝ се допаднаа на одбраната на обвинетите, па побараа супер-вештачење. Ваквото барање Кривичниот суд во Скопје го прифати. Експертизата се подготвуваше една година и два месеци. На неа работеа пет лица со пониски академски звања од оние на претходното вештачење и тоа еден доктор на науки, двајца магистри и еден дипломиран инженер. Ова супер-вештачење, предводено од експертот близок до ДУИ, Зекирија Зекири, на поголем дел од обвинетите им го врати оптимизмот, бидејќи според оштетената страна и обвинителството, сите останати обвинети се амнестирани од одговорност, освен возачот.
„Што се однесува до системот за сопирање на автобусот, експертите се на мислење дека имало дефекти во системот за сопирање на автобусот, но бидејќи нема докази за активирање на системот за сопирање, констатираните недостатоци не биле причина за несреќата“, се наведува во Супер-вештачењето изготвено од Бирото за судски вештачења.
Пред неколку дена се навршија четири години од трагичната несреќа во која животот го загубија 16 лица, а 37 беа тешко повредени. Иако првото рочиште се одржа на 5 септември 2019 година, случај се чини дека е уште далеку од правосилна пресуда.
Ардит Рамадани