Полицајците повредени во потрагата по украден автомобил се вон животна опасност

Здравствената состојба на тројцата полицајци кои синоќа беа повредени од четворица разбојници е стабилна и тие се надвор од животна опасност. По приведувањето на четворицата млади кои синоќа украдоа возило на Министерството за земјоделство, е отркиено дека се работи за група која извршила и други тешки кражби во Тетово.
„По однос на овој случај, СВР Тетово расветли шест случаи на тешки кражби, чии сторители беа лицата кои синоќа беа лишени од слобода, а се работи и на расветлување на уште неколку случаи, односно кривични дела“, рече Фатмир Реџепи, портпарол на СВР Тетово.
Потрагата по украдениот автомобил започна меѓу селата Камјан и Палчиште во општина Боговиње, а заврши кога возилото удри во хотел каде што оштети и други автомобили.
Сопственикот на локалот во кој удрил автомобилот ја критикува полицијата. Вели дека полицијата не требало да постави блокада на ова место бидејќи можеле да бидат повредени и други лица.
„Но, полицијата овде не мораше да го блокира патот. Во овој случај, кој не знам ни што е, полицијата можеше да блокира на други места, бидејќи овде има метеж и бидејќи немале начин да избегаат, влетнале во кафеана. Ова не е разумно, среќа е што беше четири часот бидејќи ако беше пет часот кога децата се пуштаат од училиште, ќе имаше поголема штета“, вели Зулкани Абази, сопственик на кафеана.
Возилото на Министерството за земјоделство што го користел Инспекторатот за екологија, крадците го украле ден претходно.
Башким Сулејмани