
ДУИ го заостри речникот кон поранешниот децениски партнер во Владата, ВМРО-ДПМНЕ, по обвинувањата упатени кон вицепремиерот Артан Груби и други функционери на ДУИ поради сомневање за вмешаност во коруптивни афери. Во одговорот на ДУИ се наведува дека ВМРО-ДПМНЕ е криминална организација заверена со судска одлука.
„Злосторничката организација потврдена од суд, ВМРО-ДПМНЕ на Христијан Мицкоски се претвори во поттикнувач на антиалбански наратив во нашето општество и се натпреварува со Левица на Апасиев за расистички напади. ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски е единствената партија во државата на која судот ѝ го замрзна целиот имот поради потврдата дека се работи за криминална организација. Градоначалниците на општините од ова ВМРО-ДПМНЕ на Мицкоски потенцираат дека имаат инструкции од Мицкоски, познат како „врховен командант“, да не издаваат потврди за легализација на куќите на Албанци во нивните општини согласно закон и во никој случај да не ангажираат фирми на Албанци во нивните општини, како и да не издаваат градежни дозволи поради расистичка демографска политика“, велат од ДУИ.
На ваквите ставови на ДУИ реагираа од ВМРО-ДПМНЕ кои го потсетуваат Артан Груби дека сомнежите за коруптивни афери немаат врска со пристапот на ВМРО кон Албанците, туку според нив, со криминалите на Груби на штета на граѓаните. ВМРО дури го потсети Груби за времето што го поминувал во нивниот партиски штаб.
„Груби треба да знае дека нема ништо антиалбанско во прикажувањето на неговата криминалност, но има многу штета врз Албанците во неговото богатење на грбот на Македонците, Албанците и сите други граѓани. Навистина не го разбираме новиот пристап на Артан Груби кон ВМРО-ДПМНЕ кој се разликува од пристапот во изминатите години кога треперејќи доаѓаше во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, со часови се поклонуваше пред портретите на македонската револуционерна војна и зборуваше со восхит за улогата на ВМРО во македонската битка за слобода. Легендата вели дека малиот Груби, народски кажано, „ни со хебла не можеле да го извлечат од штабот на ВМРО-ДПМНЕ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Обвинувањата ДУИ-ВМРО се актуелизираа откако македонската опозиција јавно го обвини Груби и неговото семејство дека трупаат милионско богатство благодарение на политичкото влијание./Алсат.мк
Адријан Керими