
Младите воопшто немаат интерес за пекарската струка, ниту се заинтересирани да бидат сопственици на пекарници. Просечната старост на вработените во пекарската индустрија е 57 години. Кога ќе одат во пензија, ќе нема кој да ги замени. Компаниите од оваа област и сега се соочуваат со проблеми поради недостиг на квалификуван кадар, покажува најновата анализа на Стопанската комора.
Ситуацијата е алармантна, посочија од Стопанската комора денеска на прес-конференција, а дополнително ја комплицира тоа што дел од процесите во пекарската индустрија не може да се автоматизираат за да се компензира кадарот.
„Во големата пекарска индустрија најмногу недостигаат месачи, обликувачи на тесто и пекари, а во малата и микропекарска индустрија стопанствениците кубурат со пекари и бурекчии. Проблемот е сериозен и треба системски и институционално да се решава. Една од опциите е да се предвиди субвенционирање на работодавачите или работниците кои ќе ги одберат овие занимања во пекарската индустрија зашто идниот период може да дојде до блокада во работењето и до зголемување на цените на секојдневните пекарски производи и печива од рачна изработка“, истакна Наташа Јаневска од Комората.