Обвинение против Латас и Лазаров за промовирање на насилство на жени

Обвинителството покрена обвинение против новинарот Драган Павловиќ Латас и јутјуберот Стефан Лазаров за ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем. „Двајцата обвинети преку компјутерски систем, ширеле расистичка и ксенофобична репрезентација на идеја која промовира насилство спрема жени, со што предизвикале реакции и чувство на згрозеност и вознемиреност во јавноста“, соопшти Обвинителството.
Оттаму информираат дека новинарот Латас, гостувајќи во интервју на јутјуб канал на второобвинетиот, јавно промовирал чин на полово насилство, евоцирајќи спомени од неговото наводно минато, без да изнесе морална осуда или каење, со тоа свесно промовирајќи го таквото насилничко однесување. Од друга страна, како што се додава, јутјуберот бил свесен за влијанието што го има содржината што ја емитува особено меѓу младата популација, но сепак не го спречил или прекинал соговорникот, туку дополнително го наведувал со коментари и потпрашања да го прераскажува спорниот настан. Обвинителството предлага на новинарот да му се одземе патната исправа поради можност од бегство, како и мерка – забрана за каков било јавен настап со кој се промовира ширење расистички и ксенофобичен материјал и за новинарот и за јутјуберот.