Македонија и Србија отвораат граничен премин каде веќе нема кој да минува

Министрите за внатрешни работи на Македонија и Србија, Оливер Спасовски и Братислав Гашик во Белград го потпишаа протоколот за начинот на спроведување гранични контроли на заедничкиот граничен премин Лојане – Миратовац. Овој премин се ветуваше со децении, но не се отвораше. Сега кога му дојде редот, во селото Лојане останаа многу малку жители. Од околу 700 куќи речиси половината се испразнети.
„Беше важно пред 20 години, но никогаш не беше отворен. Беа празни муабети. Од моментот на затворање на границата, луѓето не одеа во тој дел, ниту за бракови. Секогаш имаме врски со Србија, со Прешево, но сега сме разделени…“
„Младите си заминуваат, тука нема работа. Каде одат повеќето? Во Австрија, во Германија, на запад. Невработеност. Албанците страдаат. Лојане е погранична зона, немаат излез…“
„Како птица со едно крило, кратко кажано. Така почнува, оди во тој правец, можеби некогаш ќе се отвори, но кога нема народ, тогаш е џабе, луѓето почнаа на големо да си заминуваат“, рекоа жителите.
Меѓу жителите ја запознавме и Фламуре Јахиу од Прешево, која се омажила во Лојане пред 27 години. Таа се сеќава дека во тоа време имало административен премин, но по некое време бил затворен.
„Далеку е за патување, има смртни случаи, не стигаме навреме. Сакаме да бидеме блиски. Додека да ги добијат гласовите има ветувања, но и ветувањата веќе ги снема. Секој за свое работно место. За нас нема ништо. Младите бегаат, невработеност. Синот дипломираше медицина, но нема работа“, вели Фламуре.
Ако ништо друго, различната боја на асфалтот ја покажува граничната линија меѓу Северна Македонија и Србија, односно селата Лојане и Миратовац. Ако границата беше реалност, жителите на село Лојане за три километри ќе беа со своите семејства и немаше да им требаат десетици километри повеќе.
Ветувањата на албанските функционери за отворање на граничниот премин почнаа по завршувањето на конфликтот во 2001 година кога ДУИ стана дел од Владата. Функционерите на оваа партија по секоја изборна кампања, од жителите на Липково добиваа гласови за пратенички мандати со ветување за брзо отворање на преминот.
Мелихате Рустеми