„Не може џентлменски договор држава-стопанство за пониска струја, треба закон“

Мерките за намалување на цените на храната не дадоа резултат бидејќи тие се несистемски и ненавремени, вели за Алсат универзитетската професорка Даниела Бојаџиева. Професорката вели не може да се очекува дека преку џентлменско ветување да се договорат државата и стопанството, бизнисот да добие евтина струја и потоа да ги намали цените на своите производи. Мораше да се донесе закон за да не се најдеме во ваква ситуација.
„Ова во пазарниот механизам не функционира така. Требаше да се направи анализа колкаво е влијанието врз растот на цените предизвикано од растот на цениоте на енергијата. Таква анализа до денеска нема. Да се види кои други фактори имаат битно влијание врз корекција на цените“, рече Бојаџиева.
Во однос на мерката за регулирање на маржата, експертите сметаат дека таа не спречува зголемување на цени. Дополнително, сметаат дека институциите треба поагилно да си ги извршуваат задачите, да се утврди зошто се цените не се намалуваат.
„Дали имаше потреба кај нас така галопирачки да растат сите цени? Без да направам детална анализа ќе кажам дека некои цени беа така зголемувани по инерција. Тоа што ние 30 години се обидуваме да градиме пазарна економија да живееме во економски систем којшто има помалку пазар отколку што беше во системот до ’90-те години. Жално е, ама тогаш изгледа дека имавме пазар и култура за пазарно однесување од ова сега“, додава Бојаџиева.
Македонија е земјата која е рекордер во регионот по нивото на инфлација. Високите цени не само на храната, туку на сите производи и услуги се главната мака на граѓаните уште од лани. И покрај најавите дека ценовниот шок годинава полека ќе се намалува, тоа засега не се случува.
Иле Петревски