
Недостигот на еден од 26-те видови инсулин, мерни ленти или друга опрема ги принудува дијабетичарите да талкаат од еден до друг здравствен дом. Но, на крајот остануваат разочарани и со празни раце. Таков е и случајот со овој пациент кој по којзнае кој пат отишол да побара уред за мерење на гликоза во крвта.
„Нема инсулин, има инсулин, но нема апарат. Ми рекоа нема таков апарат. Оди на Бит Пазар, оди таму, оди ваму, нема. Пак се вратив… Досега 4-5 пати, ми велат – нема. Да прашам и денеска дали има…“
Но и овој пат одговорот бил негативен.
„Зошто кажуваш ми рекоа, па морам да кажам. Јас навистина немам апарат за мерење на крвта. Сè уште не сум го земал, нема, не знам каде да одам“, реагираат пациентите.
Овој пациент не е единствениот кој се соочува со недостиг на опрема.
„Велат чекајте од горе кога ќе дојдат, од министерството. Што да чекам од министерството. Поминаа два и пол или три месеци откако нема ленти за крвна слика. Еве, ми велат нема, нема, нема. Ова е петти пат како доаѓам и ми велат дека нема. Што да правам“, вели еден пациент.
„Треба да го решат овој проблем, има кој да одговара за ова. Самите болници нека се жалат зошто не набавиле, тој сега може да каже дека нема, што да правам јас. Нека го решат проблемот”, реагираат пациентите.
Од Здружението на заболени од дијабетес велат дека состојбата го отежнува начинот на живот на пациентите.
Од Министерството за здравство велат дека во тек била постапката за набавка на опрема, но нема конкретен рок кога се очекува да започне нивната дистрибуција. Во С Македонија околу 135.000 граѓани имаат шеќерна болест, а околу 45.000 од нив примаат инсулин.
Ајнур Бафќари