Роднинскиот список од Академијата ја дозакопа довербата во судството

Антикорупциската комисија не може да ги истражува кандидатите кои штотуку дипломирале на Академијата за судии и јавни обвинители бидејќи тоа е веќе направено и системот е затворен, вели претседателката на Комисијата, Билјана Ивановска. Сепак, таа го повикува Судскиот совет и Советот за Јавни обвинители да го зајакнат надзорот и контролите за оценување на работата на овие обвинители и судии кои им се роднини на функционери. Ивановска вели дека ова ќе доведе до ситуација недовербата кај граѓаните за судството да продолжи да расте, па затоа апелира политиката да ги тргне рацете од судството.
Ивановска вели дека клучно прашање за борбата против корупцијата во земјава е носењето на закон за потекло на имотот во кој ќе бидат вклучени сите граѓани. Од друга страна, Миша Поповиќ од Институтот за демократија вели дека борбата против корупцијата може да има ефект само доколку се зголеми притисокот од граѓаните, медиумите и меѓународниот фактор.
Една петтина од кандидатите кои дипломираа на Академијата за судии и јавни обвинители се роднини на актуелни функционери. Меѓу нив е и синот на претседателот на Собранието, Талат Џафери, како и снаата на секретарката на Собранието, Цветанка Иванова.
Мефаил Исмаили