Милошоски: Правосудниот испит на синот на Џафери може да се поништи зашто тоа е управна постапка

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, тврди дека правосудниот испит на синот на Талат Џафери, Барлет, кој го положил пред да заврши факултет, може да се поништи врз основа на членот 124 од Законот за општа управна постапка.
Ова, вели тој, е можно затоа што полагањето правосуден испит кај нас е управна постапка, која се поведува со поднесување барање на кандидатот до Министерството за правда и завршува со издавање Уверение за положен правосуден испит како управен акт издаден од министерот за правда.
„Решението на овој правен и политички скандал со Б. Џафери лежи во примената на членот 124 од Законот за општата управна постапка, каде што е утврдено дека за ништовен се огласува управниот акт кој со своето извршување би можел да предизвика некое дело казниво според Кривичниот законик и во други закони и што содржи неправилност, која според некоја изречна законска одредба е предвидена како причина за ништовност. Во конкретниов случај, Уверението за положен правосуден испит издадено на Б. Џафери е управен акт“, вели Милошоски.
Со оглед дека случајот го обелодени Државната комисија за спречување корупција (ДКСК), Милошоски, повикувајќи се на членот 125 од истиот закон, вели дека ова тело е должно да го извести Министерството за правда за своите сознанија.