Пендаровски: Единствен правилен исход е ослободувањето на Украина

Единствен праведен исход е ослободување на целата територија на Украина, оцени претседателот Стево Пендаровски на едногодишнината од почетокот на руската агресија. Тој кажа дека Украина е морален победник зашто зад својата кауза го обединила демократскиот свет, додавајќи дека демократскиот свет нема право на пораз. Според него, се води војна на диктатура против демократија.
„Изборот за тоа кога и под кои услови ќе настапи мирот е најправедно да го направат самите украински граѓани, кои се борат за сопствениот опстанок. Нашата поддршка на нивните напори ќе продолжи да биде недвосмислена и конкретна“, рече Пендаровски.
Претседателот додаде дека земјава ќе продолжи да ја помога Украина, хуманитарно, технички и воено. Од друга страна, украинската амбасадорка во земјава, Лариса Дир се заблагодари за помошта од земјава. Таа исто така кажа дека најголемата руска грешка е потценувањето на украинскиот отпор.
„Единствената причина за оваа неиспровоцирана агресија беа неоимперијалните амбиции на руската држава и нејзиното највисоко раководство. Претседателот на Русија направи фатална грешка. Во реалноста Русија не само што ја запре инвазијата, туку и успеа да ослободи речиси половина од своите новоокупирани територии“, рече Дир.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска истакна дека споредено со домашните капацитети, земјава е во групата на држави кои силно ја помагаат Украина во одбраната од агресијата. Петровска нагласи дека нашата поддршка и помош ќе ја има се додека украинскиот народ не го оствари своето право слободно да се движи и живее на сопствената територија.
„Ова не е само борба на Украина, ова е борба за одржување на целиот меѓународен поредок, кој се заснова на правила и принципи. Слободата нема цена, исто како што нема цена и нашата поддршка и помош за Украина. Слава на Украина!“, рече Петровска.
Едногодишнината од почетокот на војната беше одбележана преку конференција „Украина – една година на хероизам“ во организација на украинската амбасада и невладината организација Цивил.
Лука Андреев