Останува нерешен проблемот со кучињата скитници во општина Тетово

Проблемот со кучињата скитници и нападите врз жителите е сѐ поголем, а надлежните креваат раце. Од јануари до сега само во Тетово имало 14 каснувања од кучиња додека во десетици случаи граѓаните се здобиле со телесни повреди бегајќи од нив. Од општина Тетово се жалат дека кучињата скитници се донесуваат од други градови.
„Досега се фатени и третирани 42 кучиња скитници и мислиме дека до крајот ќе се исполни поставената бројка. Сериозно се сомневаме дека се носат кучиња надвор од територијата на Тетово, па затоа апелираме секој што ќе види вакво нешто да соработува со општината. Немаме информации од полиција и немаме соработка ниту со полиција ниту со други институции кои треба да соработуваат со нас“, рече Алби Ќамили- портпарол на општина Тетово.
Секторот за внатрешни работи Тетово ги отфрла тврдењата на општината.
„Тоа е секојдневна фраза што сме навикнати да ја слушаме, па во секоја општина во секој град велат дека се донесени од други градови, но бројот на кучињата скитници во кој било град во државата е намален. Поради тоа, вакви случаи до денеска не се пријавени ниту од граѓани, ниту од општински службеници. Нека повели некој да каже пред камера дека пријавил во полиција и дека не се преземени мерки“, рече Фатмир Реџепи- портпарол на СВР Тетово.
Пред еден ден девојче било повредено од напад на кучиња скитници. За решавање на проблемот со кучињата скитници на ниво на Полог, пред една година странските организации издвоија над 350.000 евра, но само поради тоа што не се најде локација за изградба на регионално прифатилиште за кучиња, проектот пропадна.
Башким Сулејмани