Антикорупциска приоритетно ќе ги проверува случаите со Артан Груби

Антикорупциската комисија отвори неколку предмети против вицепремиерот Артан Груби и со приоритет ќе ги разгледува. Отворени се и по допрен глас во јавноста, но и врз основа на пријави дојдени во Комисијата, а поврзани со неговото и со богатењето на негови роднини.
„За Артан Груби, од тие сомнежи што се слушнаа во медиумите, отворивме случај, отворивме и случај врз основа на пријавување за истите сомнежи, па кога ќе се соберат сите информации ќе излеземе со одлука на јавна седница. Дури и со приоритет од другите предмети, поради јавноста сакаме што поскоро да излеземе со нови информации“, рече Шемши Салаи, Член на Антикорупциската комисија.
Од Антикорупциска велат дека има многу слабости во Владата за постапување по случаи каде е констатирана злоупотреба на службената должност од функционери. Членот Горан Трпеновски, вели дека Владата ги игнорирала препораките и случаите на Антикорупциска за нејзините функционери. Освен тоа, Владата се бори против корупцијата само декларативно. За тоа сведочат случаите со министерот за надворешни работи Бујар Османи и злоупотребите на директорот на Агенцијата за млади и спорт.
Според членовите на Антикорупциската комисија, недостигот на волја за борба против корупцијата е евидентна во земјава и тоа го докажува неказнивоста на сите функционери за кои е утврдено дека ја злоупотребиле должноста.
Мефаил Исмаили