Започна судењето против првообвинетиот за нападит на Пендиков

Во отсуство на секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков, во охридскиот суд почна судењето, за физичкиот напад врз него на 19-ти јануари во кафе бар во Охрид. Обвинетиот се товари за кривично дело напад од омраза со тешки повреди за што е предвидена казна затвор од една до пет години, нешто што одбраната го негира.
„На ова се дава еден политички акцент и призвук,кој што се исполитизира до страшни граници, кои може само да штети на целата постапка. Чисто политичка работа е. Ако со внимание ги пратите изјавите на Пендиков, кој ги дава преку Бугарската национална телевизија, тој спомна дека тој не знаел кој го удрил од позади, дека не знае кој го шутирал, дека бил тепан 10 минути, меѓутоа видео снимката кажува сосема поинаква состојба. Јас не забележав во фаза на истрага, некој сведок да кажува дека рекол мрсен Бугарин“, рече Димитрија Цобоски, адвокат на обвинетиот.
Според полномошникот на Пендиков, тој не дошол на судењето зашто се уште се лекува, имал отежнато зборување и не можел да патува. Тој не сакаше да ги коментира наводите на адвокатот на обвинетиот. Тврдеше дека незнае, која е адресата на престој на Пендиков во Софија, иако судијата денес побара да му биде доставена адресата на престој.
„Не сум го гледал тоа интервју да бидам искрен. Ќе се појави штом заврши со лекувањето. Ние генерално немаме аргументи, само го застапувам како жртва и оштетен на кривичното дело. Аргументите треба да ги изложат Обвинителството и одбраната“, рече Стефан Камишевски, правен полномошник на Христијан Пендиков.
На барање на одбраната, бидејки не и биле доставени сите докази наведени во обвинението, судењето беше одложено за 5-ти април. Полномошникот на Пендиков најави дека тие ќе бараат и парично обештетување. Инаку случајот предизвика влошување на односите меѓу Скопје и Софија.
Мики Трајковски