Одложено судењето за Жан Митрев

Кардиологот Жан Митрев денеска се појави во Кривичниот суд во Скопје да сведочи, според него, во дело во кое е невин, но ден претходно ангажирал адвокати кои побараа од судот дополнително време за подготовка, што доведе до одложување на првата судска седница. Ова не и се допадна на обвинителката Хаџивасилиева која побара да не се злоупотребува правото на одбрана, што покрена тензии на седницата, а адвокатот Никола Додевски и порача да не врши притисок врз судот. Ден пред стратот на рочиштето Кривичниот суд во Скопје ги блокираше сметките на клиниката „Жан Митрев“. Според претставниците на оваа клиника, оваа одлука е пресуда пред да започне судењето.
„Потенцираме дека со преземените мерки целосно е блокирана работата на болницата Жан Митрев, која е здравствена организација од јавен интерес. Клиниката „Жан Митрев“ од денеска не е во состојба да ги отплати долговите кон банките. Сакаме да ја информираме јавноста дека ќе направиме се што е во наша моќ и третманот на ниту еден пациент да не биде доведен во прашање. Иако постапката на Кривичниот суд и на барање на обвинителството оди во друга насока, бараат наше затворање“, наведоа од болницата „Жан Митрев“.
Од Кривичниот суд образложија дека се работи за неправосилна одлука и се работи за времена мерка, а од обвинителството велат дека постои можност Митрев да понуди уште една гаранција за да му бидат ослободени сметките.
Следното рочиште е закажано за 5 април. Овој случај беше отворен на 10 јануари годинава по новинарска истрага на истражувачката мрежа ИРЛ. Во текот на истрагата, обвинителството изјави дека биле пријавени 283 поранешни пациенти кои се чувствувале измамени. Пресметките на обвинителството се дека за методот на хемофилтрација биле платени околу 1,6 милиони евра.
Ардит Рамадани