МНР: Досега нема информации за повредени и загинати Македонци во железничката несреќа во Грција

Во врска со трагичната железничка несреќа, која што синоќа се случила блузу градот Лариса во Грција, Министерството за надворешни работи информира дека досега, до македонските дипломатско-конзуларни претставништва не е стигната информација дека меѓу загинатите или повредените во несреќата има и државјани на Република Северна Македонија.
„Амбасадата на Република Северна Македонија во Атина и Генералниот конзулат во Солун се во комуникација со надлежните органи во Грција, од каде чекаме и официјални информации за состојбата околу трагичната несреќа. Министерството останува отворено за реакција на барање на наши државјани, кои поради било какви причини предизвикани од несреќата им е потребна итна асистенција“, соопштија од МНР.
Нашите контакти се отворени 24 часа, а на располагање се три телефонски броја на нашите дипломатски претставништва во Грција: +30 6655191321 во Атина; +30 6987200410 во Солун; како и СОС телефонот на МНР во Скопје +38975273732, додаваат од МНР.
Бројот на починати во железничката несреќа во Грција се искачи на 36, а повредени се 66 лица, објавуваат локалните медиуми. Во централна Грција се судрија патнички и товарен воз, а спасувачките екипи ги извлекуваат патниците од згмечените вагони.