ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Продолжува нелегалната онлајн настава во училиште во Струга

Веќе втор месец и покрај насоките од Државниот просветен инспектор да се вратат на настава со физичко присуство, раководството на основното училиште Браќа Миладиновци во Струга постапува по свое. Околу 600 ученици следат онлајн настава затоа што училиштето се реновира среде учебна година. Според овие видео-снимки кои ни ги испратија гледачи, се чини дека ќе биде потребно уште време за да се завршат работите.

Advertisements

Од просветниот инспекторат извршиле увид и донеле решение со ОПОМЕНА уште на 2 февруари. По дадениот рок, работите не биле променети, па била извршена уште една инспекција. На 23 минатиов месец било донесена НАРЕДБА учениците да престанат со онлајн настава и да се вратат во училниците.

„…Извршен е контролен инспекциски надзор со кој е утврдена фактичка состојба и согласно истата донесен е инспекциски акт Решение со НАРЕДБА…“, наведуваат од Државниот просветен инспекторат.

Но и покрај ваквата состојба во која се доведоа учениците и нивните родители веќе два и пол месеци никој не одговара, а одлуките на надлежните органи, никој не ги почитува.

Министерството за образование се прогласи за ненадлежно со тврдење дека одлуки за онлајн настава носела Владата. Владата пак, тоа може да го стори само во исклучителни околности, а реновирањето не е една од нив. И општинскиот Совет на Струга се иззема од проблемот велејќи дека тоа не е нивна ингеренција.

Инаку, онлајн наставата во Браќа Миладиновци почна со почетокот на второто полугодие. Директорката на училиштето Албана Жута не ни одговори на прашањето дали ќе ја почитува одлуката на инспекторатот за враќање на настава со физичко присуство.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button