Власта и опозицијата со меѓусебни обвинувања зошто граѓаните се оставени без леб

Во низата обвинувања кои власта и опозицијата си ги разменуваат катадневно, деновиве е актуелно обвинувањето во кое главен фокус е, ни помалку ни повеќе туку – лебот. Обвинувањата следуваат откако пекарите, лути на одлуката на Владата да ја замрзне цената на лебот, од средата не го испорачуваат основниот прехранбен продукт до маркетите и до помалите продавници.
И додека опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува власта дека прави криминални зделки и мести тендери, оставајќи го народот без леб како во времето на транзицијата, од владејачкиот СДСМ, пак, велат дека со мерката за замрзнување на цената на лебот го штитат стандардот на граѓаните.
„Власта предводена од СДС и ДУИ се заборави од местење тендери и терање на криминални зделки, а народот го остави на страна и без леб. Власта не успева да се организира буквално за ништо кога станува збор за граѓаните, а организацијата им е добра само за тендери и бркање профити на поединци. Граѓаните во меѓувреме страдаат“, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во партиското соопштение.
Од владејачката партија, пак, велат дека со мерката за замрзнување на цената на лебот на 33 денари нема да дозволат некој да профитира на грбот на граѓаните и да го осиромашува народот.
„Одлуката за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб од 450 грама на најмногу 33 денари е оправдана, фер и во интерес на граѓаните. Институциите предводени од СДСМ преземаат сѐ за да се заштитат граѓаните и нивниот стандард, во време на глобална економска криза“, велат од СДСМ.